Повеќе од 100 пати Манчестер сити ги прекршил или ги злоупотребил правилата во периодот од 2009 до 2018 година, откри долгата истрага на Премиер лигата. Се работи за лажно прикажување на приходи, неправилно покажување на платите на фудбалерите и тренерите, прекршување на УЕФА правилата, но и одбивање на соработка за време на истрагата.
Од Сити ги отфрлија сите обвинувања кои им се наметнати, но последниот збор ќе го има независна комисија. Ако Граѓаните бидат прогласени за виновни, казните може да бидат во вид на одземање бодови, исфрлање од Премиер лигата, што е малку веројатно, парична казна, но и одземање на титулите кои ги освои клубот во спорниот деветгодишен период.
Во овој период од 2009 до 2018 година, Сити освои три титули, кои може да бидат одземени доколку казната биде да им се одземат по 20 бодови во сите спорни сезони.
Во 2012 година, Граѓаните го прекинаа постот кој траеше 44 години без трофеј во првенството. Тоа беше најдраматичното првенство во историјата на англиското првенство, кога Сити постигна два гола во судиското надополнување, а погодокот за титула го даде Серхио Агуеро, а Манчестер јунајтед остана втор на табелата. Ако тоа се случи, Јунајтед и Сер Алекс Фергусон ќе добијат уште една титула.
Во 2014 година, Сити беше прв пред Ливерпул, а тоа беше сезоната кога легендарниот капитен на Црвените, Стивен Џерард, имаше последна можност да стигне до титулата, но не успеа. Сега тоа може да се случи ако Сити на „зелена маса“ добие казна од 20 бодови за секоја од сомнителните сезони.
Последната титула во спорниот период Сити ја освои во првата сезона на Пеп Гвардиола како тренер. Тогаш Сити беше доминантен и трофејот го освои со неверојатни 19 бода повеќе од Манчестер јунајтед, кој беше предводен од Жозе Мурињо. Сепак, ако Сити биде казнет со одземање 20 бода, тоа ќе биде точно колку што треба за Црвените ѓаволи да бидат шампиони во таа сезона.
Сепак, ова се само калкулации и претпоставки за тоа која може да биде казната на Манчестер сити за незаконското работење во периодот од 2009 до 2018 година.