27.8 C
Skopje
недела, 21 септември 2025

Богаташ ветува: Ако го победите Реал Мадрид ќе добиете големи награди лично од мене

Казахстанскиот Каират Алмати испиша историја со пласманот меѓу најдобрите 36 екипи во Лига на шампиони. Не само што се пласираа меѓу најдобрите, туку Каират имаше среќа во ждрепката да го добие и најтрофејниот клуб Реал Мадрид.

На свој терен во Алмати, Каират ќе игра против Реал на 30 септември во рамките од второто коло на лигашкиот дел од елитното натпреварување на УЕФА. Ова секако ќе биде најголемиот меч за Каират во клупската историја и не треба посебен мотив да се покажат во најдобро светло. Сепак, да имаат дополнителен мотив да направат чудо против Реал Мадрид се погрижи локалниот бизнисмен Турсенгали Алагузов, кој им вети вредна награда на играчите доколку победат.

Каират во првото коло од ЛШ загуби убедливо со 4:1 на гости во Лисабон од Спортинг, а сега имаат уште потешка задача, иако се на свој терен. Токму затоа, бизнисменот Алагузов, јавно вети дека ќе ги награди фудбалерите ако го победат Реал Мадрид.

„Како голем патриот, на ноќта на мојот роденден, јавно ветувам: Ако тимот победи, секој што игра ќе добие автомобил од мене. Алмати е центар на светот. Каират е шампион“, е пораката на овој бизнисмен.

Засега не е позната марката на автомобили што би ја добиле играчите, но секако ова е одличен дополнителен мотив за фудбалерите на Каират.

Алагузов е познат по тоа дека ги исполнува своите ветувања. Неодамна им подари станови на дури 100 негови вработени. Тој често е дел и од големи хуманитари акции, па е еден од омилените ликови во државата.

- Оглас -

Најнови вести