Богдан Богдановиќ ја предводеше селекцијата на Србија во победата над Канада од 95:86 со која обезбеди пласман во финалето на Светското првенство, а притоа постави нов рекорд на кошаркарските Мундијали.
Богдановиќ беше најпрецизен во селекцијата на Србија со 23 постигнати поени, а притоа даде и три тројки од четири обиди и влезе во историјата на Светските првенства. Имено, капитенот на Србија на дури 24 натпревари по ред на Светските првенства постигнува барем по една тројка, нешто што досега не му успеало на ниту еден кошаркар.
Тој по мечот изјави дека сака во финалето да игра со селекцијата на САД која во второто полуфинале ќе се сретне со Германија.
„Не знам што да кажам, многу работевме, трениравме, и на крајот ни се исплатеше. Би сакал во финалето да играме со САД, да ги измериме силите“, изјави Богдановиќ.