Богојевски: Нелегална смена на Антиќ ќе предизвика проблеми со ФИБА и со ИОК

Собранието на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) не успеа да го изгласа предложениот Дневен ред, откако дел од клубовите побараа негово дополнување. Претставниците на МКК Вардар предложија нови точки за разгледување, кои вклучуваат разрешување на претседателот Перо Антиќ и на Управниот одбор на КФСМ. Иако првите четири точки од дневниот ред беа прифатени, дополнувањето со точките за разрешување на раководството на федерацијата предизвика контроверзии.

Од КФСМ нагласија дека постои член во Статутот кој спречува претседателска смена во текот на првите две години од мандатот. Според членот 39 од Статутот, „Мандатот на Претседателот трае четири години, но минимум две години од започнат мандат не може да се поднесува иницијатива за вонредно изборно собрание“.


Перо Антиќ доби нов мандат во 2023 година, што го прави ваквиот потег спорен.

На Собранието свое мислење даде и Владимир Богојевски, претставник на Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој го повика Собранието да избегнува непотребни турбуленции во сред сезона. Тој предупреди дека евентуалната смена на претседателот на овој начин би можела да предизвика проблеми со ФИБА и ИОК. Богојевски предложи клубовите да почекаат до изборниот период, кога ќе можат да номинираат нов кандидат.

„Дојдов на ова Собррание како гостин, не сакав да зборувам, но по два и пол часа Собранието не е започнато. Многу чудно се однесувате сите, затоа што за пет месеци може да имате Изборно собрание и не знам која е таа причина и кое е тоа брзање да се промени претседателот, во време на полусезона и да се прават такви тубуленции. Ако се продолжи на начин како што се прави во моментов, да сакате да ставите нов претседател сега, тоа нема да биде легално. Ќе имате проблеми и со ФИБА и со ИОК. Затоа мислам дека најдобро е да се почека до датумот и со друг кандидат да го пријавите правовремено, за да го замени актуелниот.“, изјави Владимир Богојевски, претставник на МОК.

Дополнително, Димитар Терзиев, инспектор за спорт, истакна дека собранијата мора да се одржуваат согласно Деловникот за работа и да бидат усогласени со Законот за спорт.

- Оглас -

Најнови вести