Работнички доживеа убедлив пораз (3-0) од Торпедо-Бегаз на неутрален терен, во Унгарија, во првиот меч од воведното квалификациско коло од Конференциската лига.
Тренерот Бојан Маркоски на прес – конференцијата изјави дека неговиот тим не заслужил да загуби толку убедливо.
„Тоа беше тежок натпревар и убедлив пораз за нас, а според мое мислење, не заслуживме таков пораз од 3-0. Противникот беше поискусен тим, знаеше тоа да го искористи, го отвори резултатот од корнер, од воиграна акција која пред мечот им ја напоменавме на играчите. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме. Вториот дел го започнавме подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Еден шут заврши во мрежата, а во судиското продолжение беше неприфатливо да примиме уште еден гол. Но, има уште еден натпревар во којшто ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот“, изјави Бојан Маркоски.
Реваншот меѓу Работнички и белорускиот тим Торпедо-Бегаз се игра на 17 јули, со почеток во 18 часот, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.