35.8 C
Skopje
четврток, 21 август 2025

Бојкот за Вајс, селекторот на Грузија најави дека си заминува

Македонија оствари историски успех со пласманот на Европското првенство што ќе се игра во 2021 година, а идната година на позицијата селектор на поразената Грузија нема да ја дочека Владимир Вајс.

Словакот на клупата на Грузијците, кои загубија од нас со 0:1 во Тбилиси, објави дека ќе биде селектор уште два меча и потоа ќе си замине.

„Ќе останам уште два меча како селектор на Грузија за да го завршиме циклусот во ова издание на Лигата на нациите и потоа си заминувам. Нема веќе простор за соработка“, изјави Вајс.

Му се случи и многу незгоден момент, да загуби во големото финале од Македонија, во меч што одлучуваше за пласман на ЕП, а потоа по мечот грузиските новинари и фоторепортери му ја бојкотираа прес-конференцијата.

Грузија е во група со Македонија во второто издание на Лигата на нации, во Сегментот Ц и двете селекции повторно се фаворити за пласман во повисок ранг на натпревари. Имаат ист број бодови, по шест, а веќе одиграа двапати меѓу себе во втората група, а и двата меча завршија идентично со резултат 1:1.

Грузија задутре во Батуми ќе ѝ биде домаќин на Ерменија, а потоа во последниот меч повторно на домашен терен ќе игра со Естонија на 18 ноември.

Македонија на 15 ноември ја чека Естонија во Скопје, а потоа за прво место игра против Ерменија во Никозија. Ерменците имаат пет бода, но и тежок распоред бидејќи играат против двете првопласирани селекции до крајот на фазата по групи во Сегментот Ц.

 

- Оглас -

Најнови вести