12.8 C
Skopje
понеделник, 10 ноември 2025

Бока ја доби големата пресметка со Ривер во „Суперкласико“

Фудбалерите на Бока jуниорс го совладаа Ривер Плејт со 2-0 во големото аргентинско дерби „Суперкласико“, одиграно во рамките на 15-тото коло од Клаусура.

Апсолутен херој на победата беше младата ѕвезда и дете на клубот, Езекиел Себаљос, кој одигра извонреден натпревар, постигна гол и запиша асистенција во триумфот над големиот ривал, кој продолжува со лошите настапи во последниот период.

Бока поведе во судиското продолжение на првото полувреме, кога дефанзивецот Ертон Коста испрати долга топка кон напаѓачот Милтон Хименес. Иако тој не успеа да ја контролира, топката заврши кај Себаљос, кој прво го натера голманот Армани да интервенира, но од вториот обид погоди за 1-0, предизвикувајќи ерупција на „Бомбоњера“.

Себаљос го продолжи своето блескаво издание и во вториот дел. Во 47-та минута со брз продор по левата страна му асистираше на Мигел Мерентиел, кој без поголема мака ја испрати топката во празната мрежа за конечни 2-0.

Со оваа победа, Бока јуниорс остана лидер во групата А со 26 бодови, додека Ривер Плејт се наоѓа дури на шестото место во групата Б со 21 бод, едно коло пред крајот на регуларниот дел. Осумте најдобри екипи од двете групи ќе обезбедат место во плејофот.

- Оглас -

Најнови вести