Време е за славниот Боксинг деј во Велика Британија, а 26 декември традиционално на Островот се празнува со фудбал. Од елитен со мечеви во Премиер лигата, па сè до најнизок ранг денеска ќе се празнува фудбалскиот ден за подароци.
Врвниот фудбал во Премиер лигата денеска ќе биде специјален подарок за сите приврзаници на најважната споредна работа на светот, а на овој ден, на 26 декември бубамарата во Велика Британија се тркала повеќе од 120 години.
Во минатото многу се внимавало фудбалските дуели да бидат меѓу екипи што се во близина, за да може и публиката и фудбалерите веднаш по мечевите да го прослават денот со своите најблиски, но сега е малку поинаку.
Комерцијализацијата на Премиер лигата, која по многу работи е број 1 во светот, ги смени правилата на игра, но традицијата да се игра фудбал на 26 декември како најубав подарок за навивачите е задржана.
ТВ-преносите и ТВ-правата се главниот извор на заработка на клубовите од Англија, па мора да се почитува и тој многу важен сегмент од модерниот фудбал и потребите на одличните плаќачи, кои даваат милијарди фунти за да ги имаат ТВ-правата од англиското првенство.
Низ историјата имало возбудливи кола за Боксинг деј, но како специјален термин се памети 26 декември во 1963 година.
На тој Боксинг деј се случи нешто неповторливо, а беше постигнат апсолутен рекорд. На 10 меча кои се одиграа во елитната англиска лига, вкупно беа постигнати 66 погодоци, односно 6,6 по меч. Оттогаш, па досега такво нешто не се повторило.
Пред 57 години имаше неверојатни резултати, што се граничат со светско чудо.
Предничеа Фулам со триумф од 10:1 против Ипсвич, потоа и Блекбурн со победа од 8:2 во Лондон против Вест хем, а впечатлив е и успехот на Барнли и победата од 6:1 против големиот Манчестер јунајтед.
Или сè заедно беа постигнати 66 погодоци во фантастичното Боксинг деј коло во 1963 година.
Можеби денешните дуели ќе приредат ново гол-шоу, а почетокот на фудбалскиот ден за подароци е со мечот меѓу Брентфорд и Тотенхем од 13.30 часот.
Ќе играат Кристал палас против Фулам, Саутхемптон со Брајтон, Евертон и Вулверхемтпон и Лестер против Њукасл од 16 часот, а празничната програма во Премиер лигата ќе ја продолжат Астон вила против Ливерпул од 18.30 часот и за денеска ќе ја финишираат Арсенал и Вест хем во градското дерби на Лондон од 21 часот.
Празничното 17-то коло во Премиер лигата ќе продолжи утре со два меча.
Ќе играат Челзи против Борнмут од 18.30 часот и Манчестер јунајтед против Нотингам форест од 21 часот, а оваа рунда завршува задутре, со мечот меѓу Лидс и шампионот Манчестер сити од 21 часот.