Македонија загуби од Романија со 27-28 на Светското првенство за играчи до 21 година кое се одржува во Полска.
Во првото коло Македонија загуби од Фарски Oстрови, па останавме без шанса за место во главната рунда. Следниот меч е против Исланд, кој има еден бод по ремито со Фараните.
Романија тргна со 2-0, ни требаа речиси четири и пол минути за прв погодок, потоа се ослободија момците на селекторот Раде Стојановиќ. На шест минути до крајот на првото полувреме имавме убедлива предност од 14-8, но Романците со серија од 3-0 ја преполовија негативата, но во финишот Македонија пак се одлепи и на пауза замина со убави 17-12.
Во вториот дел македонските ракометари 15-тина минути умешно ја одржуваа разликата на пристојна дистанца, но дојде голема криза во средината на второто полувреме, кога противникот ги користеше нашите грешки и се влезе во драматичен финиш, во кој Романија дојде до победа.
Првиот стрелец Узунчев се повреди во финишот и ги зголеми маките на стручниот штаб кој на ова СП не може да смета на потешко повредените Дамјан Митев и Самоил Ристески.
Узунчев со 7 гола денеска беше прв стрелец кај Македонија, Калајџиески постигна 5, а Карасманакис 4.