„Болница“ во Баерн: Се повреди Горецка, ги нема Рибери и Робен

Баерн Минхен непосредно пред стартот во Лигата на шампионите се соочува со големи проблеми. Уште тројца првотимци се повредија по денешниот тренинг, само два дена пред гостувањето во Лисабон, каде што „баварците“ ќе се соочат со Бенфика.

Леон Горецка се пожали на болки во десната нога и не го издржа тренингот, Рибери воопшто не се појави на тренинг, наводно станува збор за некаква настинка, додека Робен вежбал само во сала за вежбање. Сите тројца ќе бидат во трка со времето да се подготват за отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите.

Претходно викендов се повредија Толисо и Рафиња, Французинот ги скина лигаментите и веќе му беше извршена операција од која ќе закрепнува два или три месеци, додека искусниот десен бек ќе паузира неколку недели. Непосредно пред стартот на сезоната, крилниот напаѓач Кингсли Коман се здоби со повреда на зглобот и сѐ уште закрепнува.

Ковач ќе нема многу опции за почетниот состав, најверојатно ќе мора и да ја менува формацијата. Мечот Бенфика – Баерн Минхен е закажан во среда, со почеток од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести