Италијанскиот калчолигаш Болоња е сериозно заинтересиран за ангажман на македонскиот репрезентативец Бојан Миовски. Раководството на овој клуб сега отвори конкретни преговори за реализација на трансферот.
Болоња е на прагот да го продаде холандскиот напаѓач Џошуа Зиркзе во Манчестер јунајтед за повеќе од 40 милиони евра и се надева дека ќе успее да го доведе Миовски како негова замена за многу помала сума.
Италијанските медиуми претходно открија дека Болоња се надева дека ќе го купи за 2 милиони евра, но наиде на одговор од Абердин дека Бојан Миовски нема да биде продаден доколку не пристигне понуда од 8 милиони евра. Со оглед дека постои голема разлика во сумите, се очекува дека преговорите меѓу двата клуба нема да бидат лесни.
За Бојан Миовски постои интерес и од Саутхемптон, како и од неколку холандски клубови, но тој засега е фокусиран на подготовките со својот клуб Абердин во пресрет на новата сезона во Шкотска.