Јусејн Болт, најбрзиот човек во историјата, во атлетика ги држи светските рекорди на 100 и 200 метри, а по завршувањето на кариерата како спринтер, не успеа да се пробие во светот на фудбалот, па сега е заинтересиран за американски фудбал.
Јамајчанецот е упорен во намерата да почне кариера во некој спорт во кој би можел да ги искористи своите таленти, а со оглед на брзината и висината, би бил совршен фаќач во НФЛ-лигата. Но, Болт има два не баш скромни услови за трансфер во НФЛ-лигата.
„Ако ме повикаат Њу Ингланд патриотс или Арон Роџерс, подготвен сум“, рече Болт.
Не постои играч во американски фудбал кој не би сакал да биде во ист тим со Том Брејди или Роџерс од Грин Беј пекерс, двете легенди во овој спорт и идеални партнери за секој примач.
Болт во февруари истрча спринт на 40 јарди за феноменални 4,2 секунди. Тоа е на нивото на рекордот од 2017 година, кој го постави Џон Рос од Синсинати бенгалс. Разликата е што Болт трчаше во тренерка и без спринтерки.