Македонската ракометна репрезентација со победа стартуваше на Европското првенство во Виена. Иако потешко од очекувањата, нашите ракометари славеа против Украина со 26:25. Голманот Никола Митровски и капитенот Кирил Лазаров се хероите на денешниот меч. Митровски бранеше одлично и на крајот стигна до 16 одбрани, а Лазаров го даде победничкиот гол во последната секунда од мечот
Нашите ракометари водеа речиси во текот на целиот меч, но сепак во последата секунда стигнаа до победата. Беше 25:25, кога Лазаров ја зема топката во свои раце и погоди за победа.
Лазаров со седум гола беше најефикасен, Манасков даде пет погодоци, а по четири пати погодија Стоилов и Талески. Во листата на стрелците се запишаа и Георгиевски 2 гола, Кузмановски 1, Пешевски 1 и Танковски 1 гол.
Нашите ракометари добро го отворија мечот. Веднаш поведовме, а во 14 минута за прв пат имавме предност од три гола (6:3). Потоа беше и 7:4, но Украинците покажаа дека нема да се предадат во првата фаза од мечот, па намалија на 7:6.
Тоа како да беше знак да се засили одбраната кај нашиот тим, па за брзо време ја вративме комотната предност, па во 22 минута беше 10:6. Дека има осцилации во играта се покажа и по серијата од 3:0 на Украина за 10:9, но до крајот на првиот дел нашите ракометари не дозволија да ја испуштат предноста.
Во вториот дел одлично отворивме, Македонија поведе со 17:12, а солидната предност ја одржувавме до 45 минута, кога беше 21:17. Потоа следеше неочекуван пад во играта на нашите ракометари, па Украинците прво се доближија на 21:20, а во 50 минута по трет пат на мечот стигнаа до нерешено, овојпат 22:22, што беше најава за неизвесна завршница, во која на крајот успеавме да победиме.
Македонија следниот меч ќе го игра в недела против Чешка, а нашиот последен противник во групата ќе биде домаќинот Австрија.