Бомба на Пандев: Погрешив што продолжив да играм по ЕП, ова лето дефинитивно е крај!

Горан Пандев во интервју за италијански медиум изјави дека ова лето дефинитивно ќе ја заврши кариерата и дека можеби погрешил што не се пензионирал веднаш по Европското првенство минатата година.

Пандев ја исклучува можноста да се појави на мартовскиот бараж против Италија, а говореше и за разделбата со Џенова, по која четири дена не можел да спие.

„Ме боли што морав да заминам од Џенова, првите четири дена по разделбата, не спиев. Во клубот мислеа дека веќе не им требам, имаше луѓе кои беа среќни кога си заминав, а и јас мислам дека направив добар избор за повторно да се чувствувам жив. Кога ме побараа од Парма, никој во Џенова не ми рече остани, помогни им на момците, туку ми рекоа дека ако сум решил да си одам, тогаш треба да си одам. Во последните три месеци се чувствував како вишок во Џенова“, раскажа Пандев.

На прашањето дали ова лето ќе се повлече, Пандев одговара потврдно.

„Да, овојпат да. Можеби погрешив што продолжив по Европско првенство, но сакав да играм пред навивачите на Џенова и оваа сезона. Би сакал Џенова да опстане и би бил среќен кога би отишол на стадион да се сретнам со моите пријатели. На баражот Италија – Македонија нема да играм“, заклучува Пандев.

- Оглас -

Најнови вести