Пред повеќе од три години, Жарарт Пике реши дека е време да ја заврши играчката кариера, и тоа во дресот на Барселона. Сепак, и по завршувањето на активното играње, Пике не престана да биде активен на спортското поле.
Пике стана сопственик на фудбалскиот клуб Андора, а сега се одлучи за еден необичен потег. Легендарниот дефанзивец кој за малку повеќе од еден месец ќе наполни 39 години, реши да потпише со тимот на Андора.
Поедноставно кажано, Пике потпиша самиот со себе и тој треба да биде првото зимско засилување за Андора. Досега Пике во клубот помагаше во организацијата и спортското планирање, а сега реши да оди чекор напред. Пике со појавувањето на теренот треба да ја донесе потребната стабилност во дефанзивниот ред.
Ако нема некои неочекувани проблеми, Пике за тимот на Андора може да дебитира веќе на 4 јануари, на мечот против Сеуте. Андора се натпреварува во втората шпанска лига и по 19 одиграни мечеви, таа е на 13-тото место на табелата со 24 бода.

