„Бомба“ од Италија: Јирген Клоп ќе биде тренер на Јувентус од следната сезона?

Јирген Клоп го напушти Ливерпул на крајот од минатата сезона, а потоа му се приклучи на Ред Бул како шеф на фудбалскиот сектор. Сепак, легендарниот Германец наскоро би можело да добие примамлива понуда од Јувентус.

Клоп повеќе од осум години го водеше Ливерпул освојувајќи значајни трофеи, вклучително и титулата во Премиер лигата, која клубот ја чекаше цели три децении.

По заминувањето од „Енфилд“, тој ја презеде улогата на директор за фудбалски операции во Ред Бул, каде што ги надгледува сите клубови под овој бренд.

Сепак, веќе следната сезона 57-годишниот стратег би можело да ѝ се врати на тренерската работа, а Јувентус е заинтересиран да го донесе на својата клупа.

Јувентус се наоѓа во турбулентен период – честите промени на тренери и слабите резултати предизвикаа незадоволство. Поранешниот претседател Андреа Ањели сака повторно да го преземе клубот, а според „Тутоспорт“, веќе неколку месеци води преговори со актуелниот претседател Фереро, со поддршка од неименувана американска групација, за која се шпекулира дека е токму Ред Бул.

Ањели има амбициозен план за враќање на Јувентус на врвот, а клучен дел од тој проект е именувањето на Јирген Клоп за тренер.

Тијаго Мота, кој во моментов го води тимот, најверојатно нема да остане уште долго. Јувентус последен пат ја освои титулата во Серија А во 2020 година, а потоа влезе во криза со чести промени на тренерската позиција. Ако планот на Ањели се реализира, Јувентус ќе започне нова ера под водство на Клоп.

- Оглас -

Најнови вести