Екипата на Арсенал сезонава игра одлично и не случајно е на врвот на табелата во Премеир лигата. Топчиите имаат четири бода повеќе од нивниот главен ривал за шампионскиот трофеј, Манчестер сити.
Да нема некои несакани проблеми како во претходните неколку сезони, кога поради проблеми со повредени играчи, Арсенал го губеше ритамот и темпото на игра, па во клучниот период буквално ја губеше трката за титулата, од редовите на лондонскиот тим најавуваат дека ќе имаат интересен јануарски преоден рок.
„Имаме многу повредени играчи, повеќе отколку што очекувавме, а некои од нив беа неизбежни. Сакаме да бидеме подобри, а знаеме колку е потребно да се има подготвени играчи во текот на целата сезона. Преодниот рок започна, ние сме Арсенал и мора да реагираме. Мора активно да бараме играчи, а потоа да видиме дали може да ги реализираме евентуалните трансфери“, рече тренерот на Арсенал, Микел Артета.
Поради повредените играчи, Деклан Рајс беше принуден да игра дури и на позицијата десен бек на мечот против Брајтон. Една од позициите на кои Арсенал може да се засили е средниот ред, а прв на листата на желби е Леон Горецка од Баерн Минхен.
Арсенал имал контакт со агентот на Горецка, кој е истиот застапник што го има и Кај Хаверц. Горецка има активен договор со Баерн до јуни оваа година, што значи дека сите останати клубови од 1 јануари може да преговараат со германскиот репрезентативец за евентуален трансфер.
Ако Баерн не успее да го убеди Горецка да остане, Баварците може многу лесно да го продадат во зимскиот преоден рок за да земат и пари за неговото заминување, инаку во јуни ќе си отиде како слободен играч.

