Веднаш по завршувањето на мечот, Филип Лазаров и голманот Борко Ристовски беа едногласни. Македонија имаше многу загубени топки, не погодивме многу чисти шутеви, дури и удари од далечина на празна мрежа, а сето тоа не смее да се прави против ривал како што е Хрватска.
„Ние бевме во игра до 50-тата минута, но не одигравме како што треба. Не погодувавме зицери, празни голови, грешки, два на еден ситуации, сите по една-две и затоа поразот е убедлив. Требаше да одиграме перфектен меч, а така одигра Хрватска. Едноставно, Хрватска покажа дека е поквалитетна од нас. Ова е само еден меч, одиме на следниот. Наша цел е следната фаза“, рече Филип Лазаров.
Голманот Ристовски повторно имаше двоцифрен број одбрани, но тоа не беше доволно да се избегне убедлив пораз.
„Не погодивме многу зицери, а Хрватска е искусна селекција и тоа знаеше да го казни. Нема многу што да објаснуваме, Хрватска е поквалитетна и тоа треба да го прифатиме. Загубивме, но главата горе. Одиме понатаму, треба да добиеме еден од последните два меча и да стигнеме до главната фаза“, рече Борко по дуелот со Хрватска.