Борко Ристовски: Не го отпишувајте Вардар, бараме ферплеј, ако треба и странски судии

По долги години поминати на терен исполнети со клупски и репрезентативни радости и тагувања, спортска кариера на Борко Ристовски продолжи во ракометот, но во функција на Извршен директор во Вардар.

Ристовски реши да помогнат во продолжување на патот на најуспешниот ракометен бренд во Македонија.

Летово беше период на реорганизација во клубот. Се искористи периодот за поставување нови цели, на зајакнување на организационата, играчката и финасиската стабилност на Вардар. Се покажа дека со добра кадровска политика може да се направи конкурентен тим, кој нема многу да чини, а пак ќе остварува добри резултати и ќе се работи на остварување на поставените цели.

„Целта годинава е фокусирана на два сегмента, финансиска стабилизација и консолидација, трошоците да бидат на минимум и да имаме успешна трансформација. Досега добро одиме и чекориме. Двата трофеа, во Струга и Супер купот се одраз на тоа. За некои „неважен“, но за нас Струга е показател и навестување како ќе се случуваат работите сезонава. Ни покажа како треба да работиме понатаму. И освојувањето на Супер купот ни даде до значење дека ќе бидеме конкурентни сезонава, но ни даде и нам како раководство задача да го исполниме нашиот дел. Направивме добра селекција со помош на стручниот штаб, на Недановски, Стоилов и Рогановиќ. Ние сме сервис на играчите и правиме се тие да немаат притисок, туку тој да е кај нас. Со овие почетни резултати играчите ни дадоа на знаење дека треба да ги следиме“, вели Ристовски во интервју за сајтот на РК  Вардар 1961.

„Во Струмица ми беше прв Супер куп како директор и доста стресно го доживеав тоа, па и целиот клуб. Судењето секогаш било главна тема, табу тема и никој никогаш не сакал јавно да зборува. Но, напротив, за сè треба да се разговара, да се укаже, да се превенира, да се подобри. И во Струга и во Струмица имавме судење од иста судиска двојка, едни од најдобрите во Македонија. Донекаде можам да разберам да се има притисок, да се чувствува важноста на натпреварот, па и да се прават грешки. Но, не можам да разберам да се носат одлуки за кои цела сала може да види дека се на штета на Вардар или пак на другиот тим и да не се превземе ништо да се променат тие работи. Нормално е да се греши, но и да се еволуира и на следниот меч да има помалку грешки. Ни останува само да се надеваме дека делот со судењето ќе се подобри. Не бараме судење во ничија корист, туку едноставно – чесност и 50-50, па нека победи подобриот. Ако не се подобри ситуацијата и ако се продолжи со правењето сопки, и има разни игри околу Вардар, кои можеби во минатите години успевале, ќе бараме и судии од странство за дерби-средбите за да се добие на чесноста и да нема влијание од различни страни. Треба на терен да ја мериме силата. Сакам да им порачам на сите во македонскиот ракомет дека нема да дозволиме да се играат какви било игри околу Вардар и да се планира нешто. Ќе инсистираме да има ферплеј и на самиот терен да се покаже кој колку има квалитет“, потенцира Ристовски.

Борко прогнозира дека битката за титула ќе ја водат Еурофарм Пелистер и Вардар, а во првата петорка влегуваат Алкалоид, Тиквеш и Охрид, кои од втор план би ја нападнале титулата.

В недела во Скопје се игра и дербито Вардар 1961 – Еурофарм Пелистер од првото коло на Б групата од домашното првенство.

 

- Оглас -

Најнови вести