Поранешниот ракометен репрезентативец и актуелен голман на Вардар, Борко Ристовски, на прес-конференција ја презентираше неговата страна од „пресудата“ на МОК и суспензијата во времетраење од четири години за „клевети“ искажани во ТВ-емисија.
Ристовски заедно со својот адвокат, Гого Атанасијевиќ, најавија дека нема да се жалат во МОК, туку директно ќе одат со тужба на Спортскиот суд во Лозана.
„Ова покажува како се работи, како ја донеле одлуката, има цел да ги заплаши, да ги одврати од намерите, стратешка одлука која има цел да ја одврати јавноста, нејзиниот опсег не го задира Борко во неговата работа“, рече адвокатот Атанасијевиќ.
Голманот Ристовски најави дека нема да дозволи со оваа одлука да биде заплашен и ќе тужи во Лозана за обесштетување помеѓу 180.000 и 230.000 евра, кои како што вели, ќе ги донира во РК и ФК Вардар.
„Одлуката на Даниел Димевски се базира на страв и на немоќ и тој мисли дека ќе ме одврати од тоа што сум го почнал. Човекот се одлучи да се крие зад МОК и ќе ви покажеме дека можеше да поднесе тужба за клевета, ние не ја почитуваме, нема да се жалиме, нема да им даваме легитимитет на нивни интерни одлуки. Мојата борба е да се тргнат ваквите луѓе од спортот, Димевски се прецени, мислеше дека со ваква банална рсбота ќе ме заплаши, напротив, само ме мотивираше“, вели Ристовски.
Борко Ристовски изјави и дека нема намера да се кандидира за претседател на Македонскиот олимписки комитет.
ФОТО: ФБ страна на РК Вардар 1961