Борна е трн во око за Рафа – Надал шокиран на Мастерсот во Синсинати

Рафаел Надал само по два меча го заврши настапот на АТП Мастерс 1000 турнирот во Синсинати откако ноќеска загуби со 1-2 (6-7, 6-4, 3-6) во сетови од Борна Чориќ.

Хрватот кој е на 152-рото место на АТП-листата по третпат во кариерата славеше над Рафа во вкупно пет меѓусебни пресметки, а ова му е 10-та победа против тенисер кој е во топ 5 во светот. Надал инаку планираше атак на првото место на АТП преку овој турнир, кој служи како загревање за ОП на САД, но се сопна на првата пречка.

Борбениот Борна цело време бркаше негатива во првиот сет, за сепак да успее да изнуди тајбрејк, кој го доби со 11-9 откако Надал не искористи две сет-топки. Конечно до прв брејк Надал стигна во ситуација кога поведе со 4-3 во гемови во вториот сет, за подоцна да израмни на 1-1, но наместо пресврт, Шпанецот како да загуби сили и му дозволи на Чориќ да дојде до прва меч-топка и со неа да го реши победникот.

Чориќ во следното коло повторно ќе се надигрува со шпански тенисер, овојпат со Роберо Баутиста-Агут.

- Оглас -

Најнови вести