Фудбалерите на Фулам и на Борнмут одиграа 2:2 во рамки на 11 коло од Премиер лигата.
Гостите поведоа од првиот напад, кога во 64. секунда од натпреварот, Доминик Соланке го совлада Бернд Лено. Ова беше јубилеен 50. гол за Соланке во Премиер лигата, 49 гола даде во дресот на Борнмут, а еден како играч на Ливерпул.
Фулам 20 минути подоцна успеа да израмни преку Диоп, но на одмор се замина со предност на гостите благодарение на голот на Лерма во 29. минута.
Во вториот дел, играчите на Фулам фрлија се на една карта, нападот и таквата игра вроди со плод во 52 минута кога Митровиќ го реализира пеналот кој судијата Греем Скот го досуди поради прекршокот на Лерма.
До крајот на натпреварот, домашните фудбалери продолжија со нападите, но не успеаја да го совладаат по трет пат Нето.
Борнмут со ремито на „Крејвен Котиџ“ ја продолжи серијата од шест натпревари без пораз во Премиер лигата. Борнмут на последните шест натпревари има две победи и четири ремија. Последен пораз им беше на 27 август од Ливерпул кога на „Енфилд“ загубија со катастрофални 9:0.
Вулверхемптон ја прекина серијата од три порази по ред откако со минимални 1:0 славеше над фенерџијата Нотингем Форест.
Единствениот гол на натпреварот го постигна Нето од пенал во 56. минута. Гостите имаа шанса да дојдат до израмнување, но Џонсон не го реализира ударот од белата точка во 79. минута.