Бошко Ѓуровски: Старата гарда знае што е дисциплина, ќе ги победиме и тешките времиња

Бошко Ѓуровски е дел од старата гарда и како што вели, навикнат е на дисциплина, па не му паѓа тешко да ги почитува правилата кои во ерата на Коронавирусот се строги.

Дружбата со соиграчите од својата генерација сега е невозможна бидејќи има рестрикција за движење во одредени периоди, но барем, како што вели поранешниот македонски репрезентативец, се вратија спомените за убавата дружба и пријателството што беа вистински вредности во некои минати времиња.

„Поради ситуацијата, не можеме веќе физички да се дружиме, но имаме вибер-група, па секојдневно сум во контакт со некогашните соиграчи, пријатели, па и ривали. Во ова време кога е неопходно да се остане дома, некако ви се враќаат спомените, па разговарам и со луѓе што долго не сум ги чул. Тешки се времињата, но ние сме припадници на старата гарда, што е навикната на дисциплина и не ми е тешко да ги почитувам правилата. Понекогаш им помагам на повозрасните, на ветераните, ако им е потребно да им купам, да им донесам нешто, да помогнам“, вели Ѓуровски за српските медиуми.

Нашиот поранешен репрезентативец и селектор има 58 години, живее во Белград и ѝ се приклучи на акцијата во битката против Коронавирусот.

„Апелирам до сите да останете дома и да се придржувате до препораките за полесно да ја надминеме кризата. Спортистите знаат да ги надминат и најтешките проблеми, а верувам дека и сите луѓе ќе бидат дисциплинирани за да се вратиме во нормалниот животен колосек“, додава Ѓуровски.

Бошко беше дел од генерацијата македонски репрезентативци што го одиграа првиот меч во квалификациите, против Данска на 7 септември во 1994 година, што заврши нерешено, 1:1. Има вкупно 7 настапи за Македонија и три постигнати голови.

Постариот брат од познатото фудбалско семејство Ѓуровски беше и селектор на македонската репрезентација од 2013 до 2015 година.

 

- Оглас -

Најнови вести