По слабите резултати во квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство, Роберт Просинечки повеќе не е селектор на Босна и Херцеговина. Стратегот уште пред два месеца сам си даде отказ, но не му беше прифатен и остана да работи. Сепак, сега Извршниот одбор на Фудбалската федерација на БиХ реши да го смени Просинечки.
„Спогодбено го раскинавме договорот со Просинечки. Оваа одлука е донесена во консултација со сите членови на Извршниот одбор“, изјави потпретседателот на Федерацијата, Милорад Софрениќ.
Просинечки две години беше на чело на БиХ и во 22 меча стигна до девет победи, шест нерешени и седум порази. БиХ има шанси за пласман на ЕП 2020 преку баражот во Лигата на нациите. Во полуфиналето БиХ ќе игра против Северна Ирска, а доколку победи на тој меч, во финалето ќе го очекува подбриот од дуелот меѓу Словачка и Република Ирска.