Бостон е гордост – го демолираа шампионот Голден стејт на гости

Борбата за плејоф во НБА-лигата се разгорува. Рано утрово се одиграа шест меча во најсилната кошаркарска лига во светот, а во фокусот на вниманието е високиот пораз на шампионот Голден стејт, и тоа на свој терен од Бостон. Гостите се радуваа со убедливи 128:95.

Бостон имаше дури седум порази во последните 10 меча во НБА, но едноставно тоа е тим кој знае да блесне кога најмалку се очекува. Моментно е на петтото место на табелата на Истокот и речиси сигурно ќе обезбеди место во плејофот. Со оваа игра против Голден стејт покажаа дека се подготвени да ги понижат и најдобрите.

Поразот од 33 поени разлика е највисок пораз за „воините“ на домашен терен под водство на тренерот Стив Кер. Уште на полувремето се најавуваше дебаклот на домаќините бидејќи Бостон имаше предност од 73:48. Стев Кари со 23 поени беше единствен расположен за игра кај шампионот, но тоа беше премалку да се спречи катастрофа.

„Бостон има многу интересна сезона. Имаат многу падови, но и одлични моменти“, во кратки црти објасни тренерот на Голден стејт, Стив Кер, за тоа што му се случи на неговиот тим.

Резултати: Индијана – Чикаго 105:96, Филаделфија – Орландо 114:106, Мемфис – Портланд 120:111, Минесота – Оклахома 131:120, Торонто – Хјустон 95:107, Голден стејт – Бостон 95:128.

- Оглас -

Најнови вести