Во драма со продолжение, Бостон му покажа на шампионот кој е моментално најдобар во НБА (Видео)

Најдобриот тим во досегашниот дел од НБА-лигата, Бостон селтикс славеше на домашен терен против Голден стејт со 121:118 дури по продолжение од пет минути. Во регуларниот дел мечот заврши 106:106, но домаќините беа посконцентрирани во продолжението и со тоа ја продолжија низата од осум победи.

Мечот беше со многу пресврти, па иако Бостон во втората четвртина имаше предност од 10 поени (38:28), во третиот квартал Голден стејт водеше со двоцифрена предност (85:74). Гостите водеа и со 95:86 на неколку минути пред крајот, но Бостон покажа зошто е најдобар тим во лигата и до крајот на средбата успеа да ја анулира оваа негатива. Во продолжението, Бостон тргна силовито и поведе со 121:113, па тоа беше недостижна предност за Голден стејт.

Џејсон Татум со 34 поени и 19 скока беше предводник кај победничкиот тим, додека кај Голден стејт најпрецизен беше Стеф Кари со 29 поени, а Томпсон и Пул застанаа на 24 поени, но добрата игра на овие тројца не беше доволна за триумф на гостите.

Резултати: Бостон – Голден стејт 121:118 по продолжение, Минесота – Торонто 128:126, Феникс – Бруклин 117:112, Портланд – Филаделфија 95:105.

- Оглас -

Најнови вести