Бостон ред сокс го надмина проклетството, дали и Ливерпул ќе го направи тоа?

Екипата на Бостон ред сокс е новиот бејзбол шампион во САД. Во финалната серија, Бостон со 4:1 во победи славеше над Лос Анџелес доџерс. Во последниот дуел, кој се покажа и шампионски, Бостон победи со 5:1. Ова е вкупно деветта титула за Бостон ред сокс, а четврта во последните 14 години. Интересно е тоа што,пред да дојде трофејот во 2004 година, овој клуб цели 86 години чекаше да се израдува на трофеј во Мејџор лигата во бејзбол.

Главен „виновник“ за враќање на Бостон на славните патеки е сопственикот Џон Вилијам Хенри. Американскиот милијардер реши да го купи тимот на Бостон во 2002 година. Само по две години од неговото доаѓање, Бостон во 2004 година стигна до трофејот во Мејџор лигата. Потоа трофејот во клупските витрини доаѓаше во 2007, 2013 и сега во 2018 година. Оваа речиси едно и пол годишна декада во многу потсетува на тоа што се случуваше на почетокот на минатиот век. Бостон тогаш беше шампион во 1903, 1912, 1915, 1916 и 1918 година.

Со девет титули, Бостон сега е на делба на третото место со Оукленд атлантикс на листата најуспешни бејзбол клубови во САД. Повеќе трофеи имаат само Сент Луис кардиналс со 11 трофеи и легендарниот клуб Њујорк јенкис, кој е рекордер со 27 шампионски трофеи.

Сопственикот Хенри со Бостон успеа да го направи тоа што никој во клубот не можеше да го направи речиси 90 години. Американскиот милијардер успеа да прекине едно огромно проклетство. Бостон не е единствениот спортски гигант кој е во сопственост на Хенри.

Од 2010 година, групацијата која е на Џон Вилијам Хенри го купи и англискиот фудбалски гигант Ливерпул. Тоа е вториот најуспешен клуб во Англија, веднаш зад Манчестер јунајтед. Интересно е што Ливерпул има „проклетство“ и никако не може да освои титула речиси четири децении. Последен пат трофејот од англиското првенство на „Енфилд роуд“ пристигна во 1990 година.

Навивачите на Ливерпул веќе 28 години чекаат титула и се надеваат дека по доаѓањето на газдата Хенри, за многу брзо ќе може да се радуваат на трофејот, како што сега тоа го прават фановите на Бостон ред сокс во Мејџор бејзбол лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести