Романскиот клуб Ботошани има голем проблем со повеќето странски фудбалери кои сакаат да си заминат дома додека трае кризата со Коронавирусот.
Ги има вкупно 16, дел од нив и од земјите што се во црвената, или најопасната зона, но меѓу нив не се Стефан Ашковски и Давид Бабунски. Според романските медиуми, тие ќе останат во Романија додека не стивне епидемијата.
Романија не е меѓу најзагрозените земји во Европа со Коронавирусот, па дури тренерот Мариуш Кроитору најави можност од утре фудбалскиот погон на Ботошани да продолжи со тренинзи, но сега е прашање во каков состав.
„Требаше денеска да имаме тренинг, но ја чекавме одлуката на УЕФА, па го одложивме собирот за утре. Ако странските фудбалери не се откажат од враќањето дома, ќе биде невозможно да работиме со полн погон. Имаме играчи што се од земји кои се во црвена зона, како Германија, Франција и Австрија, и ја разбирам нивната желба да бидат со своите семејства. Се работи за четири-пет фудбалери и постојано разговарам со нив. Загрижени се, но се надевам дека ќе се откажат од пат кон дома“, изјави Кроитору.
Ашковски е член на Ботошани од 2019 година, а Бабунски само што пристигна во клубот, во кој е од пред две седмици и сè уште го чека дебито за екипата што игра плејоф за титулата во Романија.
И двајцата се поранешни репрезентативци на Македонија, Бабунски со девет, а Ашковски со три настапи за нашата селекција А.
Давид беше и член на златната генерација млади македонски репрезентативци до 21 година што настапија за нас на историското ЕП во Полска во 2017 година.