Брадата го истера своето, се сели во тимот кој преку ноќ стана главен фаворит за титулата

Џејмс Харден успеа во својата намера да издејствува размена од Филаделфија сиксерс и сезоната ќе ја заврши во Западната конференција, и тоа во тимот на ЛА клиперс, објави новинарот кој е експерт за НБА-трансфери, Адријан Војнаровски.

Според Војнаровски, Харден, Филип Петрушев и Пи Џеј Такер се селат во ЛА клиперс, додека во Филаделфија ќе заминат Маркус Морис, Николас Батум, Роберт Ковингтон, Кеј Џеј Мартин, избор од првата рунда на драфтот од 2028 година, два избори од втората рунда и можност за размена на изборите.

Харден по завршување на минатата сезона го нарече лажго генералниот менаџер на Филаделфија, Дерил Мори, и порача дека никогаш повеќе нема да го облече дресот на овој тим. Тој не се појави на подготовките за екипата за новата сезона, а не играше ниту на првите мечеви во сезоната по што управата на Филалдефија одлучи да го размени во Лос Анџелес.

Со размената, Харден го истера своето, си замина од Филаделфија, и тоа во тимот во кој и сакаше да ја продолжи кариерата, ЛА клиперс, кој со оваа размена стана инстант фаворит за титулата. Тимот во кој се Харден, Расел Вестбрук, Каваи Ленард и Пол Џорџ сигурно е еден од главните фаворити за титулата.

- Оглас -

Најнови вести