Екипата на Брајтон продолжува со одлични резултати откако на свој терен со убедливи 3:0 го победи фаворизираниот Ливерпул, во дуел од Премиер лигата. По 18 одиграни меча, Брајтон сега има 30 бодови, додека Ливерпул остана на 28 бодови и сега на табелата е зад денешниот ривал.
Брајтон во сите параметри беше многу подобар тим од Ливерпул. Домаќините доминираа со над 60 отсто посед на топка, упатија дури 14 удари кон голот на Алисон, осум беа во рамките на голот, а три завршија во мрежата. Ливерпул шутна осум пати, а само еден удар беше во рамките на домашниот гол, што е премалку за радост. Брајтон изведе и шест корнери, наспроти само еден корнер на гостите, па кога сите овие податоци ќе се соберат, јасно е зошто Брајтон победи убедливо.
Ливерпул издржа во првиот дел да не прими гол, но на почетокот на второто полувреме Брајтон за кратко време ги реши сите дилеми. Соломан Марч даде два гола во периодот од 47 до 55 минута, а триумфот на домаќините го потврди Дани Велбек со погодок во 82 минута.
Евертон продолжи со лоши резултати и загуби од Саутхемптон на „Гудисон парк“, иако на полувреме водеше со 1:0. Нотингем Форест со 2:0 го победи Лестер, а Вулверхемптон даде еден гол во дуелот против Вест хем, но и тоа беше доволно за да ги освои трите бода.