Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром потврди дека дресот на клубот и во следната сезона ќе го носат браќата Дамјан и Војдан Стојановски, како и младиот крилен центар Андреј Андоноски.
„Горди сме што во следните 365 дена во нашиот тим повторно ќе го имаме капитенот Дамјан Стојановски, нашиот заштитен знак и една од најголемите клупски легенди во историјата, кој ќе ја одработи втората година од договорот потпишан минатото лето. Крај него ќе биде уште една легенда на макбаскетот, неговиот брат-близнак Војдан Стојановски, кој исто така има уште една сезона за играње во сино-белиот дрес. Договорна обврска со нашиот клуб од претходно, барем од делот на сениорскиот ростер, има и Андреј Андоноски, чиј талент е неоспорен, кој блесна во финишот од минатата сезона и од кого се очекува уште повеќе во иднина“, велат Металците.
Клубот работи на пополнување на составот на останатите позиции во тимот, во преговори се со нивни досегашни кошаркари, но и со нови потенцијални домашни и странски засилувања, кои ќе треба да го дадат дополнителниот шарм за настапите во домашните натпреварувања и АБА 2 лигата.