БРАВО: Нова фешта на одбојкарите, Македонија ја растури Црна Гора за осминафинале (Фото)

Одбојкарската репрезентација на Македонија речиси сигурно обезбеди пласман во осминафиналето на Европското првенство откако и во вториот меч во групата Ц славеше, овој пат над Црна Гора. Во третиот настап на Европските првенства, одбојкарите речиси сигурно, за првпат ќе играат во осминафиналето на континенталниот собир.

По две кола, Македонија има две победи и си обезбеди едно од првите четири места во групата Ц која се игра токму во Скопје, кои носат пласман во следната рунда.

Одбојкарите осоколени по победата над Данска во првото коло, носени од навивачите на трибините на СЦ „Борис Трајковски“, го одиграа можеби најдобриот натпревар во досегашните настапи на Европските првенства, блокот функционираше беспрекорно, а во нападот реализацијата беше хируршка, што беше рецепт за убедлива победа над Црна Гора со 3-0 во сетови (25:22,25:18,25:20).

Одбојкарите на Црна Гора подобро го започнаа мечот, поведоа со 2:5, но Македонија дојде до 5:5 и потоа се играше поен за поен се до 10:10. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски освоија два поени по ред за 12:10, а при резултат 17:16 го зададоа конечниот удар во првиот сет. Одбојкарите направија серија од 4:0 и поведоа до 21:16 по што беше јасно кој ќе поведе со 1-0 во сетови.


Во вториот сет слична слика, Црногорците беа подобри во воведните поени, имаа водство од 3:6, но одговорот на Македонија беше серија од 8:2 за пресврт и водство од 11:8. Предноста од три поени се одржуваше до 18:15, по што следеа два нови поени за Македонија и водство од 20:15 по што Црногорците се предадоа. Македонија сетот го доби уште поубедливо, со 25:18.


Триумфот во вториот сет ја најави конечната победа бидејќи Црногорците индиспонирано го започнаа третиот сет. Блокот функционираше одлично, а во нападот реализацијата беше беспрекорна и одбојкарите поведоа со 11:6.

Предноста од 4-5 поени, одбојкарите ја одржуваа до средина на сетот која Црногорците дојдоа до 16:15. Но, избраниците на селекторот Миленкоски имаа одговор, направија мини серија од 3:0 за водство од 20:16 и ја најавија победаата. На крајот Македонија го доби сетот со 25:20 за убедлив триумф од 3-0 во сетови.
Во следното коло, Македонија ќе игра против поранешниот светски шампион Полска.

- Оглас -

Најнови вести