Бразил не успеа да ја победи Венецуела и одигра само 0:0 во меч од второто коло на Копа Америка. Во текот на целиот меч Бразил напаѓаше, создаваше шанси, па дури даде и три гола, но ниту еден не беше регуларен за на крајот Венецуела да стигне до историски бод против Бразил на континенталното натпреварување.
Во првото полувреме, Кутињо даде гол, но судијата го поништи поради фаул над дефанзивецот на гостите. Во вториот дел, Бразил продолжи да напаѓа, даде два гола, но и двата беа поништени поради ситуации на офсајд. Бразилците погодуваа и се радуваа, но судијата реши да побара помош од ВАР-системот, кој покажуваше дека се работи за недозволени ситуации. По околу еден час игра, беше поништен голот на Габриел Жезус, а во 87-мата минута нерегулараен беше и голот на Фирмино.
ДА ЖИВЕЕ ВАР-СИСТЕМОТ
Венецуела во првото коло одигра 0:0 против Перу, а и на тој меч на Перу му беа поништени два гола по прегледување на ВАР-системот. Сега и на Бразил му беше скратена можноста да се радува на два гола, благодарение на технологијата воведена во фудбалот.
„Да живее ВАР-системот. Ова е историски резултат за нас. Одигравме речиси перфектен меч против тим со толку многу добри индивидуалци. Бразил постојано притискаше, но ние успеавме да се одбраниме“, по мечот изјави селекторот на Венецуела, Рафаел Дудамел.
ПЕРУ СО ПРЕСВРТ ДО ПОБЕДА ПРОТИВ БОЛИВИЈА
Во вториот меч од оваа група, Перу со 3:1 ја победи Боливија. Мартинс од пенал во 28 минута донесе радост за Боливија, но во последната минута од првото полувреме Гуереро израмни на 1:1. Џеферсон Фарфан погоди за 2:1 за Перу во 55 минута, а победата беше потврдена со голот на Флорес во 90+5 минута.
Во последното коло од оваа група, Перу ќе игра против Бразил и на двете селекции ќе им биде доволно по еден бод за да бидат сигурни во нокаут-фазата.
Вечерва на Копа Америка има два меча. Колумбија игра против Катар, а Аргентина ќе се обиде да стигне до првите бодови во дуел со Парагвај.