Бразилецот Матеус Еванжелиста и Французинката Каролин Жуис се победници на 37-то издание на Охридскиот пливачки маратон. Најдобар Македонец беше Евгениј Поп Ацев кој пристигна како третопласиран на целта.
Еванжелиста 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид ја мина за време од 5:45.05 часа, додека времето на Жуис беше 5: 46.51 часа.
Тие беа први во машка и во женска категорија и на двата спринта, во Пештани и Метропол.
Во машка конкуренција втор на целта пристигна Марсел Схауле од Холандија (5:46.50 часа), само две секунди пред нашиот претставник Евгениј Поп Ацев (5:46.52 часа).
Втораопласирана кај дамите беше Мајте Пука од Аргентина, пред Инес Делакроа од Франција.
Првите честитки на победниците на целта на кејот на Охридското Езеро им ги упатија претседатката Гордана Сиљановска Давкова, како и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
На 37-от Охридски пливачки маратон учествуваа вкупно 19 натпреварувачи, 11 во машка и осум во женска конкуренција. Наградниот фонд на маратонот изнесува 12.000 евра, од кои 2.000 за најбрзите во двете конкуренции на двете контролни бови, односно спринтови кај Пештани на 13 км и кај Метропол на 19 км.