Фудбалерките на тетовски Љуботен го освоија трофејот од Купот на Македонија откако во финалето ја совладаа Каменица Саса со убедливи 4-0. Интересно, сите три Бразилки коишто настапија за Љуботен се запишаа во листата на стрелците.
Победникот на овој натпревар се наѕираше уште во почетната фаза од мечот. Мајса Делгадо во 18-тата минута го донесе Љуботен во водство од 1-0, а само две минути подоцна Чеури Гоја стрелаше за 2-0.
На почетокот од второто полувреме фудбалерки на Каменица Саса притиснаа со цел да се вратат резултатски, но такво нешто не дозволи третата Бразилка во редовите на Љуботен, Присила да Силва, и во 51-вата минута зголеми на 3-0.
Конечните 4-0 беа дело на Бојана Петкова во 81-вата минута.
За екипата на Љуботен ова е прв трофеј во женскиот фудбалски Куп на Македонија откако минатата сезона за првпат ја освоија шампионската титула.
Екипата на Каменица Саса минатата сезона го освои единствениот трофеј од ова натпреварување. Токму овие две екипи се и најголеми конкуренти за шампионската титула во првенството на Македонија. Љуботен има еден поен предност, а решавачкиот натпревар во рамките на последното коло ќе се одигра на 31 мај во Тетово.