Бразилскиот 42-годишен фудбалер Виторино Илтон да Силва е капитен на францускиот прволигаш Монпелје и незаменлив во првиот тим на овој клуб, за кој сезонава одигра 28 меча и 2.511 од 2.520 можни минути. Илтон има 42 години, 6 месеци и 20 дена, многу негови врсници се тренери или фудбалски пензионери, а тој игра без проблем.
Прва асоцијација за успешни Бразилци во Франција се некогашниот играч на Лион, Жунињо, или актуелните на ПСЖ, Нејмар и Тијаго Силва, но ниту еден Бразилец во Европа не трае како Илтон. Тој од 2004 до 2008 беше во Ленс, па три години мина во Олимпик Марсеј, за од 2011 да дојде на „Стад де ја Мосон“ во Монпелје, кога беше блиску до 34-тиот роденден.
Тој премина во Монпелје, всушност побегна од Марсеј, каде што му беше ограбена куќата, а крадците му се заканувале со оружје. Со Монпелје потпиша едногодишен договор, тогаш не претпоставуваше дека ќе остане до ден денешен.