Само неколку часа откако се појави веста дека Реал Мадрид до крајот на годината ќе му понуди нов договор на Анчелоти, реагираше Фудбалската федерација на Бразил, која очекуваше Италијанецот да си остане на дадениот збор и идното лето да стане селектор на Кариоките.
Бразилците тврдеа дека имаат устен договор со Анчелоти од 2024 година да биде селектор и да ги предводи Кариоките на СП 2026, кое треба да се игра во САД, Канада и Мексико, но тренерот никогаш јавно не потврди дека постигнал некаков договор и јавно порачуваше дека сака да остане во Реал.
Најверојатно таа желба ќе му се исполни и ќе добие нов договор со Реал до 2026 година, поради што Бразилците веднаш тргнаа во потрага по ново решение за селекторската функција и го најдоа во Серија А.
Според бразилските медиуми, нов фаворит на Федерацијата за селектор е актуелниот тренер на Рома, Жозе Мурињо.
Договорот на Мурињо со Рома истекува на крајот од сезонава, а Португалецот веќе доби понуда од Саудиска Арабија со која би станал тренер со најголема плата во историјата на спортот. Мурињо ја одби понудата, а со вклучувањето на Бразилската федерација во трката за неговиот потпис постои голема можност Португалецот повторно да ги одбие Саудијците и да стане првиот странец селектор на Бразил.