Фудбалската репрезентација на Бразил е во криза каква што не се памети. Петркатниот светски првак загуби четирипати во последните пет меча од квалификациите за пласман на Мундијалот во 2026 година, по што се вклучи „црвениот аларм“.
Бразил е единствената селекција која учествувала на сите планетарни собири, но ако продолжи во ист лош ритам, можно е да ја прекине оваа речиси едновековна традиција. По осум одиграни кола, Бразил има само 10 бода и моментално е на петтото место на табелата. Осмопласираната Боливија има девет бода, што значи дека само еден бод е разликата од позиција која води на СП и место кое носи разочарување.
„Квалификациите не се лесни. Ова е тешко време за нашата репрезентација. единствено ни останува да продолжиме напорно да работиме и да ја подобриме играта. Ова е преоден период. Имаме смена на генерацијата и никогаш не е лесно да се помине тој период. Нашиот селектор и понатаму се обидува да ги пронајде вистинската игра и вистинскиот состав. Моментално скитаме и што е најлошо, играме без грам самодоверба“, вели репрезентативецот Маркињос.