Бразилците не се откажуваат од Анчелоти, во Мадрид ќе го убедуваат да ги води Кариоките на следното СП

Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, останува желба број еден на Фудбалската федерација на Бразил за нов селектор на Кариоките, пишуваат шпанските медиуми.

Бразил сè уште е без селектор откако Тите си поднесе оставка во декември минатата година, по елиминацијата на Кариоките од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство што се одржа во Катар.

Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил, Едналдо Родригес, идната недела ќе пристигне во Мадрид за да се обиде да го убеди Анчелоти да биде новиот селектор на Кариоките.

Родригес прво ќе разговара со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, а потоа и со Анчелоти, пишува „Мундо депортиво“.

Весникот тврди дека понудата на Родригес до Анчелоти ќе биде 10 милиони евра годишна плата, што е за 500.000 евра повеќе од тоа што Италијанецот го заработува како тренер на Реал Мадрид.

Доколку пропаднат преговорите со Анчелоти, Родригес прво ќе патува во Рим, а потоа и во Истанбул бидејќи на неговиот список на потенцијални наследници на Тите се наоѓаат и тренерите на Рома, Жозе Мурињо. и на Фенербахче, Жорж Жесус.

- Оглас -

Најнови вести