По 30 години успешна тренерска кариера на клупско ниво, Карло Анчелоти летово реши да си замине од Реал Мадрид за да биде селектор на Бразил. Италијанскиот стратег знае како се освојуваат најважните трофеи, а Бразил е најтрофејната селекција во светот, па сигурно во иднина може да се очекуваат уште успеси од Кариоките.
Две победи и реми има Бразил по првите три меча со Анчелоти како предводник од клупата. Тоа што беше карактеристично на тие дуели е дека Бразил не прими ниту еден гол. Ги победија Парагвај (1:0) и Чиле (3:0), а без голови ремизираа со Еквадор.
Ова е малку чудно за бразилските фанови, нивната селекција на три меча по ред да не прими ниту еден гол. Пред да дојде Анчелоти, Бразил на претходните 14 натпревари имаше примено дури 16 гола, што е просек над еден гол на меч. Анчелоти мораше да им објасни на Бразилците во што е „тајната“.
„Немојте да заборавите, јас сум Италијанец“, потенцираше Анчелоти, потсетувајќи дека токму италијанскиот фудбал е препознатлив по одличната дефанзивна тактика.
Следниот меч Бразил ќе го игра вечерва на гости во Боливија. Посебен предизвик е да се гостува во Боливија, селекција која своите мечеви ги има на надморска височина од 4.150 метри и голем дел од фудбалерите имаат проблем дури и со дишењето.
Доколку Бразил не прими гол, Анчелоти ќе постави рекорд. Ниту еден бразилски селектор во историјата, во првите четири меча откако бил назначен, не успеал да ја сочува својата мрежа незатресена.