Младинскиот фудбалски првак на Македонија, тимот на Брера Струмица, денеска (18 часот) го игра реванш натпреварот од младинската Лига на шампиони. Избраниците на Ѓорге Стојчев му гостуваат на Сараево, откако првиот меч во Струмица заврши 2-2.
Сараево, според квотите, е умерен фаворит за пласман во следното коло, но и Брера, сепак, не е без шанси.
На првиот натпревар во Струмица, Сараево имаше предност од 0-2, но капитенот Мартин Ѓорѓиевски, кој е стандарден член и на сениорскиот состав на Брера, со два гола успеа да израмни и да го спаси тимот. Со тоа секако се зголемија и шансите на Брера да направи изненадување и да го елиминира Сараево. Досега ниту еден наш младински тим не успеа да оствари победа и да се пласира во следната фаза од младинската Лига на шампионите.