Србинот Бојан Круљ (36) е нов шеф на стручниот штаб на Брера Струмица. Тој во својата кариера работел со младите во Вождовац и Синѓелиќ, а како главен тренер бил во ИМТ од Белград и Рудар од Приједор.
Круљ како шеф на стручниот штаб го предводеше ИМТ до бараж за пласман во Суперлигата на Србија, каде што денес настапува овој клуб, додека Рудар го предводеше до првото место во Првата лига на Република Српска.
„Моите први впечатоци се одлични. Она што беше привлечно за мене беше мултинационалниот проект што Горан Пандев ми го презентираше и тоа ме привлече да дојдам во макфудбалот и да оствариме добри резултати. Во разговор со претседателот Пандев, целта ни е да обезбедиме што подобар пласман на табелата. Екипата има потенцијал, но она што е важно е дека мора да играме натпреварувачки и да остваруваме и добри резултати. Имаме план за нови засилувања кои се потребни за следната сезона“, рече Круљ.
Претседателот на клубот, Горан Пандев, му посака добредојде на новиот стратег и му го покажа спортскиот центар „Пандев“, каде што Брера ги игра натпреварите од Првата македонска лига. Го прошета и по клупските простории и ја презентираше неговата визија за овој спортски центар.
,„Му посакав добредојде на новиот тренер, се надевам дека ќе го поправиме впечатокот за разлика од оваа есенска етапа и ќе бидеме подобро позиционирани на прволигашката табела. Бојан е млад и перспективен, жеден за нови докажувања и верувам дека ќе успееме во зацртаното за вториот дел од годинашнава сезона“, рече Пандев.
Круљ ќе ја има првата прозивка по новогодишните празници, со што ќе почнат подготовките за вториот дел од сезоната, кои ќе се реализираат во Струмица и Анталија.