Селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација, Данило Брестовац, го објави списокот на ракометари за претстојните квалификациски натпревари против Турција и Грција, кои се клучни за обезбедување пласман на Европското првенство 2020 година.
Тимот утре патува за Турција, каде што задутре од 18 часот во Ескишехир ќе го одигра мечот од петтото коло од квалификациите, а по денешниот попладневен тренинг Брестовац, кој претходно мораше принудно да се откаже од услугите на повредениот Дејан Манасков, реши дома да ги остави и младите Мартин Манасков, Филип Арсеновски, Мартин Томовски, Горан Крстевски и Мартин Серафимов.
Капитенот Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Велко Маркоски се од старата гарда, а во тимот ќе бидат и Митревски, Маџовски, Димитриоски, Георгиевски, Костески, Пешевски, Никола Маркоски, Талески, Кузмановски, Танкоски, Јагуриновски и Кукоски.
По гостувањето кај Турција, за крајот останува домашниот натпревар против Грција на 16 јуни во Струмица. Две победи на овие два меча ќе значат пласман на ЕП и привилегија при наредната ждрепка за квалификации.