Првата победа на ракометарите на Металург во Лигата на шампионите сезонава донесе задоволство во редовите на тимот од скопската Автокоманда, а се покажа и дека со поголема ротација, „металурзите“ имаат што да кажат. И во триумфот над Чеховски медведи, Металург имаше пад во второто полувреме, кое го одигра послабо отколку првото, но успеа да ја задржи предноста од шест разлика по првите 30 минути.
„Имаме поголем ростер и повеќе ротација. Не најдовме решение за нивната одбрана од 5-1. Немавме многу време за да се подготвиме за сето тоа што Чеховски медведи може да го понуди. Додека играа 6-0, делувавме добро, но на тоа и повеќе работевме. Благодарение на Даниловски и добрата одбрана, заслужено имавме 16:10 на полувреме. Во вториот дел промашивме две зицера и два пенала. Сега е лесно да зборуваме, но доколку ги реализиравме, сигурно многу порано ќе го решевме овој дуел. Сепак, во ниту еден момент не помислив дека можеме да загубиме. На клупата сите бевме свесни дека го имаме овој натпревар и верувавме во тоа“, изјави тренерот Данило Брестовац.
По жалбата на гостинскиот тренер Владимир Максимов дека судиите во одредени ситуации му помогнале на македонскиот тим, Брестовац кажа: „Можам да кажам дека судиите не ни помогнаа воопшто. Токму Чеховски беа во постојана комуникација со судиите и не знам од каде е впечатокот дека судиите ни помогнале“, одговори Брестовац.