Брестовац: Одиме на победа против Австрија

И покрај вчерашниот пораз од Чешка, селекторот Данило Брестовац е оптимист дека Македонија ќе може да ја помине групата на Европското првенство во Виена. Домаќинот Австрија е нашиот следен противник, а Брестовац вели дека тој меч ќе биде сосема различен од тој против Чешка.

„Мораме да одиме на победа против Австрија. Насочени што е можно подобро да се подготвиме. Што се однесува до вчерашниот дуел против Чешка, го гледав повторно и забележав дека тие беа похрабри и поодговорни во важните моменти, додека ние не ги искористивме шансите. Австрија е сосема различен тим од Чешка. Австријците ги имаат Божовиќ и Билик, кои се најопасни. Сепак, верувам дека имаме сила и можност, имаме играчи кои може да го направат тоа што треба и да победиме“, вели Брестовац.
Селекторот вели дека поголем проблем во нашиот тим е послабата реализација и тоа мора да се коригира.
„Повеќе шкрипи во нападот. Реализацијата ни е слаба, посебно кога играме 6 на 5. Претходно немавме такви проблеми и сега е краток период тие брзо да се коригираат. Со оглед на нашиот напад, идеално би било да ја задржиме Австрија на 24/25 гола“, додава Брестовац во својата анализа пред утрешниот клучен дуел.
- Оглас -

Најнови вести