Џорџ Расел е освојувач на пол-позицијата на патеката Силверстоун, и најави интересна Формула 1 трка утре за Големата награда на Велика Британија.
Првите три места во квалификациите ги освоија Британци, зад Расел се неговиот тимски колега од Мерцедес, Луис Хамилтон, и Ландо Норис од Мекларен. За Расел ова е втора пол-позиција годинава, беше најбрз и на квалификациите во Канада, а седумкратниот шампион Хамилтон првпат сезонава ќе тргне од првиот ред.
Топ фаворитот Макс Ферстапен потфрли, беше само четврти. На Ред Бул не им беше денот, Серхио Перес излета од патеката уште во првата сесија и ќе стартува претпоследен, од 19-то место.
Киксираше и Шарл Леклер од Ферари кој ќе тргне од 11-тата позиција, а пријатно изненади Нико Хулкенберг со освојување на шестото место. Неговиот тимски колега од Хас, Кевин Магнусен, беше 17-ти.