Британскиот тенисер Оливер Тарвет, моментно рангиран на 733-тото место на АТП листата, ја оствари најголемата победа во својата кариера, совладувајќи го Швајцарецот Леандро Риди во првото коло на Вимблдон.
Младиот 21-годишен тенисер од Сент Олбанс славеше со 3-0 во сетови (6-4, 6-4, 6-4), и тоа пред домашна публика на познатиот терен број 2 во Ол Ингланд клуб.
Иако со оваа победа избори пласман во второто коло и обезбеди награда од дури 77.000 евра, Тарвет нема да може да ги задржи најголемиот дел од тие средства.
Причината е неговиот аматeрски статус. Тарвет моментно студира и настапува за универзитетскиот тим на Универзитетот Сан Диего во САД, каде што важат строги правила.
Според тие правила, студентите-спортисти можат годишно да примаат максимум 10.800 евра од наградни фондови, и тоа исклучиво за покривање на трошоци за натпревари и патувања.
Но, младиот Британец не го криеше воодушевувањето по мечот.
„Навистина сум пресреќен што сум во оваа ситуација. Својот труд од изминативе неколку години конечно го гледам како се исплаќа“, изјави Тарвет.
„Само одев меч по меч, за да видам што можам да направам. Ова ми е прв турнир на АТП ниво, да минам квалификации, да победам во првото коло на Вимблдон и сега да имам можност да играм против некој како Карлос Алкарас, тоа е навистина неверојатно“, додаде тој.
Во второто коло, Тарвет ќе се соочи со уште поголем предизвик, дуел против Карлос Алкарас или искусниот Италијанец Фабио Фоњини.
Без разлика на исходот од тој меч, Тарвет веќе се етаблира како едно од најголемите изненадувања на Вимблдон 2025 година – како на теренот, така и надвор од него.