Британците бараат финалето на ЛШ да се игра некаде во Англија

Откако стана јасно дека во финалето на фудбалската Лига на шампиони ќе играат Манчестер сити и Челзи, дојде студен туш од УЕФА за фановите на двата англиски клуба бидејќи од 25-те илјади луѓе кои ќе се најдат на трибините на „Ататурк“ во Истанбул на 29 мај за да го гледаат финалето, 17.000 места ќе бидат за спонзори и официјални лица, а Сити и Челзи ќе добијат само по 4.000 билети за нивните фанови.

УЕФА продолжува со редовната практика која не е популарна кај обичните навивачи, но малиот број билети кои ќе ги добијат и не е единствениот проблем. Турција не се наоѓа на „зелената“ листа на земји во кои е дозволено патување на британските граѓани. Таму просекот на заразени со ковид-19 е дури 12 пати поголем од тој во Велика Британија, до 17 мај има карантин и бавно тече процесот на вакцинирање.

Но, сега има една друга шпекулација, дека од безбедносно-здравствени причини бидејќи играат два тима од иста земја, да се бара финалето да се игра некаде во Британија, а Истанбул да почека до следната година. Истанбул уште лани требаше да биде домаќин, но беше заменет со Лисабон, каде што се играше целата завршница. Како опција за преселба од Истанбул се спомнува „Вила парк“ во Бирмингам. Астон вила го понудила својот стадион, но ќе треба набрзина да се направат и некои инфраструктурни корекции на објектот.

На Британците им е забрането да патуваат во странство доколку патување не е неодложно, но тоа правило се очекува да се смени на 17 мај, кога веројатно ќе смеат да го напуштат островот и како туристи, но само во земји со низок процент на новозаразени. Тие навивачи кои ќе одат во Истанбул да го гледаат финалето по враќањето дома, ќе мора да седат десет дена во самоизолација.

Неодамна од УЕФА потврдија дека немаат намера да го преселат финалето и дека ќе се игра со публика (една третина од капацитетот на стадионот), но којзнае, можеби Истанбул повторно ќе извиси.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести