Бризи Џонсон направи сензација триумфирајќи во спуст на СП во алпско скијање

Американската скијачка Бризи Џонсон освои златен медал во спуст на Светското првенство во австрискиот Залбах.

Џонсон триумфираше со време од 1:41,29 минути.

Сребрениот медал го освои Австријката Миријам Пухнер со заостанување од 0,15 секунди, додека бронзениот медал и припадна на чешката натпреварувачка Естер Ледецка, која заостана 0,21 секунда.

Американката Линдзи Вон, освојувачка на вкупно пет медали во спуст на Светските првенства (еден златен, два сребрени и два бронзени), заврши на 15-то место со заостанување од 1,96 секунди.

Џонсон, која сè уште нема победа во Светскиот куп, со овој триумф го освои својот прв медал на големите натпреварувања.

Скијачките ќе го продолжат натпреварувањето на Светското првенство во вторник, кога е на програмата новата тимска комбинирана дисциплина, во која еден член од тимот се натпреварува во спуст, а другиот во слалом. Времињата на двата натпреварувачи потоа се собираат за да се добие конечниот резултат.

- Оглас -

Најнови вести