Килијан Мбапе е еден од најдобрите фудбалери на светот, но иако дава многу голови, бројките кажуваат дека неговото присуство е проблем за тимовите во кои игра.
Реал Мадрид влезе во лоша серија откако тој се врати на теренот. Додека Мбапе беше повреден, Реал беше во победничка серија, а го елиминираше и Манчестер сити од Лигата на шампионите. Откако Французинот се врати во почетниот состав, случајно или не, тимот на тренерот Алваро Арбелоа не може да победи. Во последните три натпревари, Реал загуби од Мајорка и Баерн и ремизираше со Жирона. На тие три меча, Мбапе имаше 11 шутеви и постигна само еден гол.
Мбапе е убедливо најдобар стрелец во тимот и не може да биде резерва, но факт е дека Реал имаше подобри игри и резултати додека тој беше повреден. Со него на терен, придонесот во голови на останатите играчи е помал и тука е клучот на неуспехот.
В среда, Реал Мадрид игра за својот „опстанок“ во сезоната, со елиминација од Лигата на шампионите, оваа сезона веќе би била завршена за Кралскиот клуб кој ќе остане без трофеј. Мбапе освои само еден трофеј со Реал, европскиот Суперкуп.
Од друга страна, откако Мбапе си отиде од ПСЖ, парижаните станаа шампиони на Европа и еден од најсилните тимови кој е сериозен кандидат и оваа сезона да го освои трофејот.

